ВАЖНО Е СИЛНО ДА ВЕРУВАШ ДЕКА ЌЕ УСПЕЕШ, ВЕЛИ ТИНА РУСЕВА ЗА НОВАТА ПЕСНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачката Тина Русева ја претстави новата песна „Proud of Me“, инспирирана од нејзината животна приказна, преселбата во Германија, тешките почетоци и желбата да изгради музичка кариера.

Русева вели дека уште при првото слушање на песната се препознала во стиховите што ги напишал Коста Петров.

„Кога првпат ја слушнав ‘Proud of Me’, не ја слушав само како песна. Ја слушав како дел од себе. Коста Петров ја напиша, а јас го почувствував секој стих. Тоа што доаѓаш од мало место со големи соништа, заминуваш во друга земја, почнуваш од нула и се бориш да опстанеш, додека во себе знаеш дека си создаден за нешто повеќе. Кога ја пеев песната, сакав во неа да ја ставам целата таа емоција, болката, разочарувањата, сомнежите, но и гордоста што не се откажав од себе. За мене музиката беше начинот на кој сето тоа го претворив во нешто позитивно“, вели Русева.

Во песната се споменува и нејзиното заминување од родниот град во Германија и периодот кога работела во познат ланец за брза храна и сонувала за музичка кариера. Музиката и текстот се на Коста Петров, а аранжманот е на Боб Вогстон и Том Ридер. Вогстон ги направи миксот и мастерингот, а песната е продуцирана и снимена во студиото „Липака“. Видеото е во продукција на Дарко Јовановски.

Како што вели младата пејачка, една од главните пораки во песната е „мора да го победиш стравот“, која таа ја поврзува со сопственото искуство.

„Песната ја доживувам како мој личен потсетник дека не е важно од каде почнуваш, туку колку силно веруваш во тоа каде сакаш да стигнеш. Пораката за мене значи дека стравот секогаш ќе постои, но не смееме да му дозволиме да нè спречи. Сакав луѓето кои ќе ја слушнат да почувствуваат дека и тие можат да имаат големи соништа, без разлика од каде доаѓаат или низ што поминале. Ако јас можев да почнам од нула и сепак да продолжам да сонувам, тогаш верувам дека секој може да ја најде својата сила и да се бори за својата приказна“, вели Русева.

Тина Русева, која потекнува од Струмица и живее во Германија, лани настапи во 15. сезона на „Гласот на Германија“ и постигна голем успех.

На почетокот на годинава таа го освои првото место на онлајн музичкиот натпревар „Гласот на Европа 2025“. Во март ја објави и првата македонска авторска песна „Своја“, за која музиката и текстот се на Никола Буџак, а аранжманот на Иван Кукиќ.

 

М. ЏАРОВСКА