Со дегустација на вина од 15 македонски винарии, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје се одржа осмото издание на Светскиот ден на вранецот.
Љубителите на виното пробуваа вина од различни стилови на вранец, а настанот го организираше Здружението „Вина од Македонија“, кое преку оваа иницијатива осум години работи на поголема домашна и меѓународна препознатливост на вранецот.

Во официјалниот дел, британскиот писател, поранешен дипломат и вински автор Ијан Банкрофт беше прогласен за Вранец амбасадор за 2026. Признанието му го додели Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на „Вина од Македонија“ (фото).

Банкрофт, кој повеќе од 15 години пишува за вината од регионот, оцени дека македонската винска сцена се движи во добра насока, но дека има уште простор за развој. Тој особено се осврна на винскиот туризам и потребата од подобра инфраструктура и услови за прием на гости, како и од дополнителни содржини преку кои посетителите ќе можат вистински да ги запознаат виното и регионот. Според него, за понатамошен развој е потребна и поширока институционална поддршка.
Светскиот ден на вранецот годинава се одбележа и во Црна Гора и во други земји од регионот каде што се одгледуваат и промовираат вина од оваа сорта.