Со концертот на 31 октомври, Адријана Арлен во родниот град Велес ја започнува својата прва турнеја, именувана „Сребрена ноќ 2026“. Концертот е закажан за 20 часот во Велешкиот театар, по што ќе има настапи во Битола на 12 ноември и Штип на 14 ноември, а турнејата ќе заврши во Скопје, во Филхармонијата, на 7 декември.
Ова ќе биде нејзин прв настап во Велес по 20 години, откако се пресели во Шведска, каде што денес живее и работи.
„Концертот ќе изобилува со класична кросовер музика. Станува збор за мои преработки на популарни класични дела од Бетовен, Шопен и Рахмањинов, а ќе бидат изведен и дел од моите камерни композиции. На сцената ќе биде и Камерниот оркестар ‘ДИВА’ од Битола. Гости ќе бидат познат скопски саксофонист, мој колега и оперскиот пејач Дарко Тодоровски, кој е многу популарен надвор од границите на Македонија. За крај имам и изненадување, диџеј, кој ќе настапи со мои композиции. Ќе изведам и филмска музика, која е моја страст“, изјави Арлен.
На концертот во Велес таа ќе свири на клавирот „естонија“, на кој почнала да музицира во 1995 во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, каде што го посетувала основното образование.
Адријана почнала да свири на 11-годишна возраст. Завршила средно музичко образование и Музичка академија во Скопје, а магистрирала во Малме, Шведска. Денес живее и работи таму како професорка по клавир во музичко училиште. Има богата дискографија, со пет цедиња и бројни видеоспотови.
П. ПЕЧКОВ