Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад ќе одржат заеднички концерт на 19 ноември во Филхармонијата, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ. Музичарите од двата ансамбла ќе настапат како еден оркестар.
На програмата се „Фантазија на тема од Томас Талис“ од Ралф Вон Вилијамс, „Последен круг“ од Освалдо Голијов, „Свита за гудачки оркестар“ од Стојан Стојков и „Свита Кармен“ од Жорж Бизе, во обработка на Родион Шчедрин.
„Посебната вредност на овој концерт е во тоа што на сцената нема да имаме два оркестра кои настапуваат еден покрај друг, туку два ансамбла кои преку заедничката работа создаваат една музичка целина“, вели Дашиќ, основачка и диригентка на „Профундис“.
„Профундис“ е основан во 2019 и има настапувано на фестивали во Македонија, Црна Гора, Бугарија и Италија. „Камерата“ постои од 1988, а во 2022 го доби статусот на официјален градски камерен оркестар на Нови Сад.
Билетите за концертот се продаваат преку продажната мрежа на „МК тикетс“.