НАД 450 ВИНСКИ ЕТИКЕТИ ОД 50 ВИНАРИИ НА ЈУБИЛЕЈНАТА „ВИНОДОНИЈА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Јубилејното десетто издание на скопскиот вински салон „Винодонија“ ќе се одржи на 13 и 14 ноември во хотелот „Мериот“ во Скопје, со над 450 вински етикети од 50 македонски и странски винарии. Салонот ќе биде отворен за посетителите од 16 до 22 часот.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од Македонија, Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Грузија, Црна Гора и Унгарија, да се сретнат со винари и да учествуваат на едукативни работилници. Едукативната програма започнува на 12 ноември со работилници посветени на пенливите вина, сортата пино гриџо и теми поврзани со виното и здравјето.

На 14 ноември од 14 часот ќе се одржи мастеркласот „Грузија – винска земја со 8.000 берби“ со сомелиерот Рамази Инаишвили и енологот Кристина Анѓелкова, на кој ќе се дегустираат шест грузиски вина. Потоа следува „Винска авантура низ Шпанија“ со сомелиерот Александар Миливојевиќ, кој ќе претстави седум вина од седум шпански винарии.

Во музичкиот дел од програмата настапува „Хот џез оркестра“ со Иво Солдатовиќ, Бојан Петков Шамба, Филип Динев и Пенче Кралев.

Влезниците се продаваат на vinodonia.mk.