БРАЗИЛСКИОТ ГИТАРИСТ АРТУР МЕНЕЗЕС НАЈАВЕН КАКО ГЛАВНА ЅВЕЗДА НА СЕДМИОТ КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмото издание на Котон блуз фестивал ќе има две вечери, кои ќе се одржат на 19 и 26 ноември. Како и лани, локацијата на фестивалот повторно е рок барот „Русти“ во Карпош.

Програмски, првата вечер е замислена како домашна, а втората како меѓународна.

На 19 ноември ќе настапат триото на Теодосиј Поповски, бендот на Гуру Харе и „Ласт хаус“, a седум дена подоцна гостуваат романското трио „Аксис“ и бразилскиот гитарист Артур Менезес (фото), првиот учесник на фестивалот кој доаѓа од Јужна Америка.

Овој 41-годишен музичар досега има објавено шест албуми, делел сцена со имиња како Бади Гај и Џо Сатријани и ја добил наградата „Гибсон/Алберт Кинг“ за најдобар гитарист.

(Фото: Фејсбук)