Битолскиот оркестар „Дива“, со диригентот Владимир Димовски, одржа одличен концерт насловен „Цветна симфонија 2“, вчера (16 ноември) во полната Филхармонија во Скопје. Со богата програма од филмска, класична и популарна музика, оркестарот, хорот и солистите приредија концерт на високо музичко ниво, кој заврши со три биса и долги аплаузи.
На сцената украсена со цвеќиња настапија сопранистките Зана Абази-Рамадани, Јаворка Витанова и Виолета Арсовска, кои се истакнаа со своите вокални изведби. Одличен настап имаше и Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово со диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро, кој придонесе за моќниот звук на оркестарот.
Посебно внимание привлече сопранистката Билјана Талевска, која мајсторски ја изведе аријата „Glitter and Be Gay“ од оперетата „Кандид“ на Леонард Бернштајн. Со актерската игра и духовитото вадење накит од фустанот додека пееше, таа ја насмеа публиката и приреди една од највпечатливите сценски изведби на вечерта.

Наде Талевска и Бојан Стојков врвно го испеаја познатиот дует „Барселона“ на Фреди Меркјури и Монсерат Кабаље. На програмата беа и композиции од Енио Мориконе и Ханс Цимер, како и музичката тема од филмот „Кум“.
Диригентот Владимир Димовски внесе дополнителна динамика со неколку духовити сценски моменти. Додека виолинист од оркестарот ја изведуваше мелодијата од филмот „Мирисот на жената“, тој се симна меѓу публиката и им делеше рози на дамите. Во друг дел од концертот, додека трите сопранистки држеа долг тон, ја напушти сцената, а по враќањето со рака им даде знак да престанат да пеат.
Концертот заврши со три биса, на кои беа изведени „O sole mio“, „Con te partirò“ и, како изненадување, македонската народна песна „Калеш бре, Анѓо“.
Со одличната изведба на музичарите, солистите и хорот, оркестарот „Дива“ уште еднаш го потврди квалитетот на своите концерти, а Владимир Димовски покажа умешност во водењето на големиот ансамбл и во комуникацијата со публиката.
М. ЏАРОВСКА