Виктор Спасески од Прилеп, минатогодишниот победник на националниот натпревар „Поетски слем Македонија“, ќе ја претставува земјава на Европскиот шампионат во слем-поезија, кој ќе се одржи од 19 до 21 ноември во Грац, Австрија.
Спасески ќе се натпреварува со националните шампиони од 30 земји за титулата европски првак и за можност за учество на Светскиот шампионат. Македонија е во првото полуфинале, заедно со претставниците од Австрија, Белгија, Данска, Финска, Ирска, Норвешка, Полска и други земји.
Според правилата, учесниците ќе настапуваат со авторски текстови, со временско ограничување од четири минути, без костими и реквизити. Германски преводи на песните ќе се проектираат за време на настапите, а публиката ќе учествува во изборот на победникот.
Македонија учествува на европските слем-шампионати од 2014 година. Годинашната национална победничка, Валерија Дамчевска од Битола, ќе настапи на Европскиот шампионат во 2027 во Естонија.