ВЕНКО ЦВЕТКОВ ЈА ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „ПЕЈЗАЖИ НА ВООДУШЕВУВАЊЕТО“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Денеска (27 ноември) во 19:30 часот, во кафулето „The Dude“ во Скопје ќе се отвори изложбата „Пејзажи на воодушевувањето“ на сликарот, реставратор и педагог Венко Цветков.

„Инспириран од препознатливите предели на нашето поднебје, планините, полињата, светлината и каменот, Цветков создава ликовен свет во кој реалното и имагинарното се испреплетуваат, а пејзажот добива подлабока, симболична и лична димензија. Неговите дела не се ограничуваат на непосредното претставување на природата, туку го повикуваат гледачот на сопствено толкување и доживување. Во изложбата особено доаѓаат до израз колоритот, текстурата и суптилните ликовни односи“, стои во рецензијата, која за оваа изложба е креирана во соработка со „Мета АИ“.

„Употребата на вештачката интелигенција и во уметноста е конструктивен и консултативен чин со прилично антрополошки особини“, вели авторот.

Цветков е роден на 27 ноември 1955 во Штип. Своето уметничко образование го започнал на Вишата педагошка академија во Скопје, која ја завршил во 1976 во класата на професорот Спасе Куновски. Во 1984 дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана.