АНЏЕЛИНА ЏОЛИ И БРЕД ПИТ ГО РЕШИЈА ДОЛГОГОДИШНИОТ СУДСКИ СПОР ЗА ФРАНЦУСКАТА ВИНАРИЈА

САД, (АП)

Десет години по разделбата, холивудските актери Анџелина Џоли и Бред Пит постигнаа вонсудска спогодба за француската винарија „Шато Миравал“, која со години беше предмет на нивни судски спор.

„Постигнавме вонсудска спогодба во најдобар интерес на нашето семејство и нема да даваме дополнителни коментари“, рекоа претставниците на 51-годишната Џоли и 62-годишниот Пит.

Условите и финансиските детали од спогодбата не се објавени.

Поранешната двојка го купи имотот во јужна Франција во 2008, а токму таму се венчаа во август 2014. Заеднички развија успешен бизнис со производство на розе вино.

Пит ја тужеше Џоли во 2022, откако таа го продаде својот удел во винаријата, тврдејќи дека го прекршила нивниот претходен договор. Судскиот спор ги изнесе во јавноста и обвинувањата на Џоли за семејно насилство. Пит ги негираше обвинувањата, а по истрагата на ФБИ, против него не беа покренати кривични обвиненија.

Џоли и Пит ја почнаа врската во 2004, на снимањето на филмот „Господин и госпоѓа Смит“. Џоли поднесе барање за развод во 2016, а бракоразводниот процес беше финализиран на крајот на 2024. Имаат шест деца, кои денес се полнолетни.

Со спогодбата завршува судскиот спор помеѓу двајцата актери, но продолжува одделниот правен спор на Пит со компанијата која го купи уделот на Џоли.