Апликацијата за запознавање „Бамбл“, позната по тоа што само жените смеат да го направат првиот контакт, достигна пазарна вредност од 13 милијарди долари откако дебитираше на берза. Тоа ја направи 31-годишната шефица Витни Волф Херд една од ретките самосоздадени милијардерки.
„Бамбл“ е една од само десетина американски фирми предводени од женски основач со чии акции може јавно да се тргува. Цената на акциите во еден ден порасна од 43 на 76 долари, што на компанијата ѝ донесе вредност од над 13 милијарди долари.
Волф Херд ја лансираше апликацијата во 2014 година со поддршка од рускиот милијардер Андреј Андреев, основачот на европскиот сајт за запознавање „Баду“.
„Се инспирирав да создадам платформа каде што жените ќе го прават првиот чекор зашто бев фрустрирана од застарените родови норми кои го следат запознавањето. Од прва рака имам искусено како нерамноправни врски негативно влијаат на сите области од животот и сакав да го променам тоа“, изјави Волф Херд, која е најмладата жена чија компанија излегла на берза во САД.
Волф Херд е и еден од основачите на најпознатата апликација за запознавање „Тиндер“, но оттаму заминала поради сексуално вознемирување, за што компанијата подоцна ѝ исплатила еден милион долари.
Таа ги води „Бамбл“ и „Баду“ од 2019 година, кои заедно имаат 40 милиони активни корисници и се достапни во повеќе од 150 држави.