Популарниот аудио стриминг сервис „Спотифај“ од денеска е достапен и во Македонија.
Шведската компанија „Спотифај технолоџи“ објави дека Македонија се наоѓа меѓу 13-те земји во кои го лансира својот стриминг сервис, кој обезбедува пристап до 50 милиони песни и друг аудиоматеријал. Покрај Македонија, на листата се наоѓаат и Русија, Албанија, Белорусија, БиХ, Хрватска, Казахстан, Косово, Молдавија, Црна Гора, Словенија, Србија и Украина.
Со ова проширување, „Спотифај“ ќе биде присутен на 92 пазари низ цел свет. Според податоците од април годинава, тој има 286 милиони активни месечни корисници и 130 милиони претплатници.