АВСТРАЛИСКИ ТИНЕЈЏЕР СТАНА ПРВ СВЕТСКИ ПРВАК ВО ТРКАЊЕ СО ДРОНОВИ

Шенџен, (Би-Би-Си)

Петнаесетгодишен Австралиец стана прв севкупен светски шампион во тркање со дронови.

Руди Браунинг победи повеќе од 120 противници на Светското првенство во кинескиот град Шенџен и ѝ помогна на својата земја да ја освои тимската титула, пред Шведска и Јужна Кореја.

Во женска конкуренција славеше 11-годишната Ванраја Ванапонг од Тајланд, како една од само 13 натпреварувачки на првенството.

„Сѐ уште се тресам. Ова е навистина огромен успех“, изјави Браунинг, кој победи тројца пилоти во финалето, за да ја освои наградата од 24.000 долари.

Во тркањето со дронови, учесниците го движат леталото со голема брзина низ патека и пречки. Тие го контролираат дронот преку специјална опрема на главата, која е поврзана со неговите камери.

Светската федерација на воздушни спортови (ФАИ) вели дека ова е еден од најбрзо растечките спортови на светот, додавајќи дека веќе постојат повеќе натпреварувања и лиги.