Ретко кога ни успева да приклучиме маус, полнач за телефон или УСБ од прва, па пробуваме од другата страна, за на крај да сфатиме дека и првиот пат добро сме правеле. Изумителот на УСБ, што е скратено од Universal Serial Bus, ја разбира нашата болка.
Аџај Бат, лидерот на тимот на Ај-Би-Ем што го измисли УСБ-то во средина на 1990-ите, вели дека е свесен колку луѓето ги нервира ова, но постои добра причина зошто е направен на тој начин.
„Она што најмногу ги иритира луѓето е што УСБ не може да се приклучи од двете страни“, признава Бат.
За лаици, ваквиот дизајн би бил решение на сите проблеми, но Бат вели дека тоа би ги удвоило трошоците на оваа технологија, бидејќи би имало потреба од двојно повеќе жици и кола.
„Интел“ размислуваше да му даде кружен дизајн на УСБ, но така уште потешко би се приклучувал исправно. Правоаголниот дизајн на УСБ е прифатен од сите производители на хардвер откако „Епл“ прв го стави на свои компјутери во 1998 година.
Класичниот УСБ денес има алтернатива во поновиот УСБ-Ц, кој е реверзибилен, но тој сè уште не е нашироко прифатен.