„МАЈКРОСОФТ“ ЌЕ ВЛОЖИ МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ВО СВОИ ЦЕНТРИ ВО ГРЦИЈА

Атина, (АП)

„Мајкрософт“ ќе гради три центри за податоци во областа на Атина, во инвестиција вредна една милијарда долари. Постигнувањето на договорот заеднички го објавија американскиот технолошки гигант и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и тој следува по деветмесечни доверливи преговори. Договорот вклучува и дигитална обука на 100.000 вработени во државниот и приватниот сектор, како и на ученици и едукатори.

„Оваа значајна инвестиција ја одразува нашата доверба во грчката економија и во грчкиот народ, а тоа не е нешто што го правиме често и лесно“, изјави претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит.

„Мајкрософт“ моментално има вакви центри во 26 држави, од кои седум во Европска Унија. Од компанијата кажаа дека за реализација на вакви проекти вообичаено се потребни околу две години и дека центрите ќе се снабдуваат со енергија од обновливи извори.