Се проценува дека „Grand Theft Auto 6“ (ГТА 6) го има најдоброто деби во историјата на забавната индустрија, откако блокбастер видеоиграта излезе пред два дена по 13-годишно чекање.
Преднарачките на долгоочекуваната акциона авантура и продажбите на првиот ден достигнаа повеќе од 24,5 милиони копии, што донесе заработка од околу 2,36 милијарди долари, според аналитичката платформа „Sensor Tower“. За споредба, филмот со најголема заработка годинава, „Спајдермен: Нов ден“, заработи 2,5 милијарди долари за целото прикажување во кината.
Производителот на „ГТА 6“, „Рокстар гејмс“, не објави детали за продажбата на играта, но рече дека побарувачката е без преседан. Франшизата „ГТА“ имаше продадено повеќе од 470 милиони копии низ целиот свет од 1997, а само петтиот дел, објавен во 2013, сочинува повеќе од 230 милиони од тие продажби и достигна една милијарда долари во малопродажба за само три дена.
Во центарот на „ГТА 6“ се Лусија Каминос и Џејсон Дувал, чии обиди да ги подобрат своите животи ги носат подлабоко во криминалното подземје на Леонида, измислената верзија на Флорида. Лусија неодамна е пуштена од затвор, додека Џејсон е поранешен војник кој работи со дилери на дрога. Кога криминалната работа тргнува наопаку, двојката се заплеткува во поширок заговор.
Се проценува дека развојот на „ГТА 6“ чинел повеќе од една милијарда долари, што ја прави најскапа видеоигра во историјата. Се очекува „Рокстар“ да заработи уште повеќе пари од „ГТА 6“ во наредните години.