МУЗИЧКИОТ ПЛЕЕР ВИНАМП СЕ ВРАЌА СО НОВИ, ПОМОДЕРНИ ФУНКЦИИ

Лос Анџелес, (Мешабл)

Винамп, своевремено најпопуларниот музички плеер за компјутери, значително ќе биде обновен и прилагоден на новата ера, откако неколку години беше целосно занемарен. Тој ќе биде претворен во аудиоапликација, која на едно место ќе обедини музика, подкасти и стримање.

Винамп за последен пат беше обновен во 2013 година, по што беше преземен од белгиското онлајн радио „Радиономи“, кое не се потруди да му ја врати старата слава. Сѐ досега. Со новите измени, Винамп ќе стане аудиоплеер наменет за иОС и Андроид уреди и за компјутери.

„Комплетно нова верзија доаѓа следната година. Сега на Винамп ќе можете да слушате МП3, но и клауд, подкасти и стриминг радиостаници или музички листи што сами ќе составите. Луѓето сакаат сѐ да им е на едно место. Мислам дека Винамп е совршен плеер за да го долови тоа искуство“, вели извршниот директор на „Радиономи“, Александр Сабунџијан.

Винамп беше креиран од двајца студенти од универзитетот Јута во 1997 година, кои ја продадоа својата компанија на АОЛ две години подоцна.