БРАКОТ СО МОЌЕН ЧОВЕК КАКО ТОМ КРУЗ МЕ ЗАШТИТИ ОД ХОЛИВУД, ВЕЛИ НИКОЛ КИДМАН

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Една година од почнувањето на движењето #MeToo, Никол Кидман призна дека бракот со Том Круз ѝ дал заштита од сексуално вознемирување во Холивуд во раните години од нејзината кариера.

Австралиската актерка се омажи со Круз во 1990 година, откако се запознаа на снимањето на филмот „Денови на грмотевици“.

„Се омажив доста млада, но тоа не ми донесе моќ, туку заштита. Се омажив од љубов, но бракот со многу моќен маж ме заштити од сексуално вознемирување“, изјави Кидман.

Кидман и Круз, кои во бракот посвоија две деца, се разведоа во 2001 година. Таа вели дека разводот ја натерал да порасне.

„Работев, но сè уште бев доста ограничена, па кога излегов од тоа на 32-33 години, морав конечно да пораснам“.

Кидман во 2006 година се омажи за кантри пејачот Кит Урбан и заедно имаат две деца.