НАСКОРО И ХАРИ ПОТЕР ВО ИГРА КАКО „ПОКЕМОН ГОУ“

Сан Франциско, (Мирор)

Фантастични ѕверови, волшебници и магии наскоро ќе станат дел од новата игра за телефони со аугментирана реалност од компанијата „Нијантик лебс“, креаторот на „Покемон гоу“.

Играта „Хари Потер: волшебниците се соединуваат“ ќе го доведе светот на Џеј Кеј Роулинг во нашата реалност. Играчите ќе имаат можност да фрлаат клетви и да наоѓаат артефакти и магични ликови од популарната серија на книги.

Каде и да одат играчите, по населби и градови, ќе можат да се внесат во различни авантури. Употребата на вистински локации во оваа игра е слична на „Покемон гоу“, првата игра со аугментирана реалност, што предизвика бум во 2016 година, овозможувајќи им на играчите да „ги фаќаат“ анимираните ликови кои се појавуваат во реални ситуации.

„Приказните за Хари Потер ги воодушевуваат луѓето повеќе од 20 години. Наскоро, фантазијата ќе ја претвориме во аугментирана реалност и фановите ќе можат да станат волшебници и волшебнички,” велат од „Нијантик“.

Таа ја развива играта во соработка со „Ворнер брос“ во Сан Франциско, но сѐ уште не е одреден датумот кога ќе излезе на пазарот.