ОСУМГОДИШНО МОМЧЕ Е НАЈПЛАТЕНА ЅВЕЗДА НА ЈУТЈУБ, ЗАРАБОТИЛО 22 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД РЕЦЕНЗИИ НА ИГРАЧКИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Осумгодишно момче од САД е најплатената ѕвезда на Јутјуб за оваа година, со заработката од 22 милиони долари, објави магазинот „Форбс“.

Малиот Рајан се прослави правејќи рецензии на играчки на својот канал „Рајан тојсривју“, кадешто од март 2015 година успеал да собере 17,3 милиони следбеници и речиси 26 милијарди прегледи. Пресметките на „Форбс“ се однесуваат на периодот од јуни 2017 до јуни 2018 година, кога Рајан заработил половина милион долари повеќе од второпласираниот на листата, интернет сензацијата Џејк Пол. Заработката на Рајан притоа двојно се зголемила во споредба со лани, што му донесло скок на листата за седум позиции.

Запрашан зошто децата сакаат да ги гледаат неговите видеа, Рајан одговори:

„Затоа што сум забавен и смешен“.

„Форбс“ соопшти дека дури 21 милион долари од неговата заработка доаѓа од рекламите што се прикажуваат пред видеата. Играчките што тој ги рецензира понекогаш веднаш се распродаваат.

Спортската група „Дјуд перфект“ е на третото место со заработени 20 милиони долари, па следуваат досегашниот лидер Даниел Мидлтон (18,5 милиони), кој е специјализиран за играта „Мајнкрафт“ и шминкерот Џефри Стар (18).