Новозеландската премиерка Џесинда Ардерн на соодветен начин одржа говор на отворањето на национален технолошки настан, појавувајќи се во вид на холограм.
Таа не можела лично да присуствува на „Теквик“, па од сцената, на публиката ѝ се обрати нејзината виртуелна верзија. Според организаторите на настанот, Ардерн е првиот светски лидер кој ја користел оваа технологија.
„Темата за оваа година е иновација која е добра за светот. Нов Зеланд отсекогаш бил нација на иноватори, нација полна со креативна енергија, способна да наоѓа неочекувани одговори за проблеми. Ние многупати сме застанале зад она што е добро, како што се нашата политика без нуклеарна енергија и фокусот на климатски промени“, кажа 37-годишната Ардерн, која во јануари објави дека е трудна.
Холограми веќе наоѓаат широка примена во музичката индустрија, овозможувајќи на сцена да се вратат починати пејачи, како што беше случај со Тупак, Мајкл Џексон и Рони Џејмс Дио, а во најава се и некои други.