Поп-ѕвездата Ријана влезе во конфликт со Снепчет, обвинувајќи го дека намерно ги навредува жртвите на домашно насилство.
Таа беше искористена за реклама на оваа социјална мрежа, која ги праша своите корисници „дали повеќе би сакале да ѝ удрите шлаканица на Ријана или да му удрите бокс на Крис Браун“, со што се алудира на инцидентот од 2009 година, кога двајцата пејачи беа двојка. Браун тогаш беше осуден откако ја натепа Ријана.
Ријана се огласи на Инстаграм со долг пост, прашувајќи што воопшто било поента на ова.
„Би сакала тоа да било незнаење, но знам дека вие не сте глупави. Ова нема толку врска со мене, но вие ги навредивте сите жени, деца и мажи кои биле жртви на домашно насилство во минатото. Засрамете се“, напиша Ријана, по што вредноста на акциите на Снепчет падна за четири отсто.
Компанијата подоцна соопшти дека рекламата за игра никогаш не требала да се појави на мрежата.
„Рекламата е одвратна и никогаш не требаше да се појави. Се извинуваме за оваа ужасна грешка и истражуваме како дошло до неа“, изјави портпаролот на „Снеп инк.“.