„САМСУНГ ГАЛАКСИ С10“ ЌЕ ИМА И ВЕРЗИЈА СО МЕМОРИЈА ОД ЕДЕН ТЕРАБАЈТ

Лондон, (Мешабл)

Остануваат уште неколку месеци до доаѓањето на „самсунг галакси С10“, но полека се откриваат неговите спецификации, но и цени, што за некои модели ќе бидат астрономски.

Сајтот „Гизмодо“ објави дека „С10“ ќе биде најавен на 20 февруари, една недела пред почнувањето на годишниот Светски конгрес за мобилна телефонија, а официјално ќе биде пуштен на пазарот на 8 март.

Телефонот ќе има три основни варијанти, со три големини на екранот: од 5,8 (С10 лајт), 6,1 (С10) и од 6,4 инчи (С10+). Ова сè уште не се официјални имиња на моделите и „Самсунг“ засега ги нарекува „бијонд“.

Сите три телефони ќе имаат и импресивна меморија, почнувајќи од 128 гигабајти на „С10 лајт“. „С10“ ќе има варијанта со 128 и со 512 гигабајти.

Најголемиот и најмоќен модел е „С10+“, кој ќе има и верзија со меморија од еден терабајт. Најавено е дека неговата цена на британскиот пазар ќе биде 1.399 фунти. Најевтиниот модел на „галакси С10“ ќе чинел 669 фунти.

„С10“ во прв момент нема да поддржува 5Г, што би можело да биде додадено во средината на 2019.