СЕМЈУЕЛ ЏЕКСОН ЌЕ БИДЕ ДИГИТАЛНО ПОДМЛАДЕН ЗА 25 ГОДИНИ ВО ЦЕЛИОТ „КАПЕТАН МАРВЕЛ“

Лос Анџелес, (Вараети)

Новиот филм на Марвел „Капетан Марвел“ се случува во 90-ите години од минатиот век и тоа ќе биде приказна за потеклото на Керол Денверс (Бри Ларсон), воена пилотка со супермоќи, која се вклучува во интергалактичка војна помеѓу вонземски раси.

Дел од филмот ќе бидат и добро познатите лица од универзумот на Марвел Ник Фјури (Семјуел Џексон) и агентот Фил Коулсон (Кларк Клег), па бидејќи приказната се случува 25 години пред „Одмаздници 3“, тие ќе добијат нов, дигитално подмладен изглед.

Шефот на студиото „Марвел“, Кевин Фиџ, потврди дека оваа техника ќе биде употребена за целиот филм.

„Неверојатно е што ја имаме оваа можност. Семјуел Џексон моментално го снима овој филм, во којшто ќе изгледа 25 години помладо. Истото важи и за Коулсон и ова ќе биде првпат ликовите во цел еден филм да добијат изглед каков што имаа пред извесен временски период“, изјави Фиџ.

Марвел досега дигитално се поигруваше со возраста на Мајкл Даглас („Ент Мен и Восп“) и на Курт Расел („Чувари на галаксијата 2“), но да се направи тоа низ цел филм, е голем предизвик.

„Капетан Марвел“ ќе излезе на 8 март 2019 година.