Триесеттонска диско топка ќе биде една од главните атракции на годинашното издание на фестивалот „Бурнинг мен“, што традиционално се одржува во пустината во Невада.

Станува збор за заеднички архитектонски проект на Данците Бјарке Ингелс и Јакоб Ланге и рефлективната топка со дијаметар од 25 метри, всушност, ќе ја претставува Земјата во однос 1:500.000.

„Оваа мегаскулптура е огледало за оние кои ја сакаат Земјата“, вели Ингелс.

Таа ќе биде поставена на 32-метарски јарбол и ќе служи како светилник за гостите на фестивалот.

Топката е дизајнирана така да може да се надува и издува без да остави траги во околината.

На шиењето и на заварувањето на топката досега биле потрошени 2.500 часови работа, а студиото „БИГ“ собрало доволно средства и за 30 тони метал, потребни таа да се изгради.

Годинашниот „Бурнинг мен“, за кој секоја година се гради привремен град наречен Блек Рок Сити, ќе се одржи од 26 август до 3 септември.