Скајп, платформата за видеоповици која имаше стотици милиони корисници, ќе биде укинат во мај, објави неговиот сопственик „Мајкрософт“.
Своевремено една од најпопуларните веб-страници на светот, што им овозможи на луѓето бесплатно да комуницираат преку компјутер, Скајп не беше првата или единствена компанија која нудеше ваква услуга, но помогна да се популаризира. Во објава на Икс, Скајп ги повика своите корисници да се префрлат на Мајкрософт Тимс.
Лансиран во 2003, Скајп беше купен од „Мајкрософт“ во 2011 за 8,5 милијарди долари, што беше неговата најголема аквизиција дотогаш. Оваа апликација во тоа време имаше една милијарда симнувања и стотици милиони корисници, но нејзината популарност почна да опаѓа со појавата на Вотсап и Фејсбук Месинџер.
„Мајкрософт“ го редизајнираше Скајп во 2017 со додатоци што доста наликуваа на ривалскиот Снепчет, од што корисниците не беа задоволни. Кога „Мајкрософт“ го објави новиот оперативен систем Виндоус 11 во 2021 беше кажано дека Тимс автоматски ќе биде интегриран, за разлика од Скајп. Тимс доби на популарност во пандемијата на ковид-19, кога луѓето ги префрлија своите деловни и приватни активности на интернет.
„Корисниците на Скајп сега имаат две опции: целосно да се префрлат на Тимс сосе сите свои контакти и четови или да ги експортираат сите свои податоци од Скајп“, кажаа од „Мајкрософт“.