„ВИКИПЕДИЈА“ ГО СЛАВИ 20. РОДЕНДЕН – ДОСТАПНА Е НА НАД 300 ЈАЗИЦИ И СЕ ТРУДИ ДА ЗАДРЖИ НЕУТРАЛНОСТ

Њујорк, (Форбс)

На 15 јануари 2001, двајца американски бизнисмени, Џими Велс и Лери Сангер, лансираа бесплатна онлајн енциклопедија. Ја нарекоа „Википедија“. И покрај почетните критики дека содржи неточности, таа со тек на време се здоби со огромна популарност.

Денес, „Википедија“ е меѓу 15-те најпосетувани сајтови на интернет, достапна е на повеќе од 300 јазици и се одржува и обновува со помош на огромна заедница на уредници-волонтери, кои се потпираат на повторувачки процес на објавување и коригирање. Се проценува дека 250.000 луѓе низ цел свет придонесуваат на „Википедија“ секој месец и месечно има 22 милијарди посети.

Во првата година, на „Википедија“ имало 20.000 текстови на 18 јазици, а денес нивната бројка изнесува околу 55 милиони.

Иако голем број наставници и професори го обесхрабруваат користењето на „Википедија“, за многумина таа е првото место каде што ќе погледнат ако сакаат да дознаат или научат нешто. Таа денес е важен извор на информации за милиони луѓе кои се дигитално поврзани.

„Едно од најстарите правила на ‘Википедија‘ е да нема лични напади. Идејата да се има место кое се обидува да ги презентира информациите на неутрален начин е неверојатно важна, особено во ова денешно време“, вели Џими Велс.