ЗАВИСНОСТА ОД ВИДЕОИГРИ ЌЕ БИДЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА БОЛЕСТ

Женева, (Сан)

Светската здравствена организација следната година и официјално ќе ја признае зависноста од видеоигри како „ментална здравствена состојба“, кога ќе направи ревизија на Меѓународната класификација на болести.

На листата за првпат ќе се најде и пореметувањето на играње видеоигри, што се опишува како „зависност од видеоигри и онлајн и офлајн“.

Во својот опис на ова пореметување, СЗО вели дека тоа се карактеризира со шаблон на играчко однесување, кое е постојано или се повторува, при што поединецот нема контрола врз тоа колку игра, ги става видеоигрите пред животните приоритети и продолжува да игра несвесен за негативните последици.

„Ваквото однесување води кон наштетување на личните, семејните, социјалните, образовните, професионалните и на други важни области од животот. Зависноста од видеоигри значи тие да се играат нездраво многу време, при што се создава чувство дека не може да се запре со играњето“, се вели во објаснувањето на СЗО.

Според Организацијата, за да постои пореметување, овие симптоми треба да постојат една година, но во екстремни случаи, дијагнозата може да се постави и порано.

Ова пореметување со споредува со зависноста од коцкање, бидејќи во двата случаи, поединецот нема контрола врз тоа колку треба да игра.