Легендарниот радиоводител и диџеј Драган Б. Костиќ го испрати своето куче, што го имаше прибрано од улица, шарпланинецот Мечо, за САД, за, како што вели, да го спаси од лошите луѓе во Македонија.
Иницијативата да го спаси Мечо дошла преку пејачката Тања Станковиќ, која живее во САД и која пред извесно време била во Македонија. Станковиќ и преку Фејсбук апелираше да се спаси Мечо.
„На Мечо му се закануваа, се обидоа да го отрујат, двапати го вадев од Вардариште. А, тој беше чувар на една цела област, кај нас во Лисиче. Имав средби и со оваа и со претходната власт. Власта се менува, а за животните никој не се грижи. Мечо ќе се смести кај една судијка во Њујорк, која потоа ќе му најде постојан дом. Сакав да го спасам од лоши луѓе овде. Да можам, и јас би заминал во САД да се спасам, ама стар сум, не ме примаат“, ни рече тој.
Костиќ додава дека следи до каде е патувањето на Мечо и сега тој е во Полска. Во САД ќе биде пречекан со бел џип и со натпис „Добредојде Мечо во САД“.
„Оваа приказна за улично куче е посилна и покорисна од оние стотина активисти кои (со сета љубов за животните) попусто протестираат“, вели тој.
Б. НЕСТОРОСКА