Покрај сите актуелни жители дојдени од сите страни на светот, Зоолошката градина во Скопје од денеска има и дел посветен на праисторијата.
Синоќа и официјално беше отворен Дино паркот, простор од 2.000 квадратни метри во рамките на градината, во кој се поставени 41 инсталација на диносауруси во природна големина. За подобар впечаток, тие имаат синхронизирани движења и испуштаат звуци.
„Ова е најголемиот дино парк на Балканот и најзелен ваков парк во Европа. Дино паркот е целосно дигитализиран”, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на отворањето.
Дино паркот ќе биде отворен од 9 до 21 часот, а влезницата чини 50 денари. Одеднаш ќе може да прими 300 посетители. Уредувањето на паркот и диносаурусите, кои пристигнаа од Кина, чинеа 350.000 евра.
Фото: К. Попов