ПАПАТА ПРВПАТ ЌЕ СЕ ВОЗИ ВО ЕЛЕКТРИЧЕН ПАПАМОБИЛ

Рим, (ДПА)

Папата Фрањо е познат како поддржувач на борбата против климатски промени, па во прилог на тоа, за свое ново превозно средство избра електричен теренец.

Возилото е направено од американската стартап компанија за електрични автомобили „Фискер“, предводена од данскиот инженер Хенрик Фискер. Од компанијата кажаа дека модифицираната верзија на „фискер оушн“ содржи бројни одржливи материјали, вклучувајќи теписи направени од рециклирани пластични шишиња. Новиот папамобил доаѓа со целосно стаклена, блиндирана купола.

Папата го одобри новиот папамобил на приватна аудиенција со Фискер во Ватикан.

„Се инспирирав кога читав колку папата води сметка за животната средина и влијанието на климатските промени врз идните генерации“, изјави Фискер.