АКТЕРОТ И БОРАЧ ЏОН СИНА ЦЕЛОСНО ГОЛ ГО ДОДЕЛИ ОСКАРОТ ЗА КОСТИМОГРАФИЈА

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Популарниот борач и актер Џон Сина излезе гол на сцената на театарот „Долби“ во Лос Анџелес за да го додели Оскарот за најдобра костимографија. Неговото доаѓање го најави водителот Џими Кимел така што потсети на инцидентот од доделувањето во 1974 година, кога на сцената истрча гол егзибиционист.

Можете ли да замислите гол човек да истрча на сцената вечерва? Нели тоа би било лудо?“, се пошегува Кимел.

На сцената тогаш излезе Сина, целосно гол, само со пликот со името на победникот со кој си ги покриваше гениталиите.

Ова е елегантен настан. Би требало да се засрамиш што предложи така невкусна идеја. Машкото тело не е шега“, му одговори Сина на Кимел.

Со помош на Кимел, Сина потоа објави дека Оскарот го добива Холи Вадингтон за „Кутрите“.

Иако се чинеше дека е гол, еден извор изјави за Си-Ен-Ен дека Сина сепак бил покриен во пределот на препоните и задникот, а пликот му бил прикачен со велкро лента.

(Фото: Гети)