СЕМЕЈНИ ТЕМИ ВО ФОКУСОТ НА НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Неделата на шпански филм почнува вечерва во 20 часот во Кинотеката со проекција на документарецот „Омега“. На програмата се седум филмови во кои доминираат семејните теми, прекршени низ призмата на социјалните и општествено-политички прилики, но и портрети на „малите“ луѓе врамени во големата историска слика.

До 18 ноември ќе се прикажат: „Духот на пчелната кошница“ од Виктор Ерис, дебитантскиот филм на Басилио Мартин Патино „И девет писма за Берта“, кој спаѓа меѓу најзначајните наслови на новата шпанска кинематографија и „Национално наследство“ и „Ракетата од Калабуч“ на Луис Гарсија Берланга, кои се суптилна вивисекција на 40-годишната диктатура на Франко. Репертоарот го заокружуваат „Невините светци“ на Марио Камус и „Матахарис“ на Исиар Бојаин.

Кинотеката почна да ја претставува шпанската кинематографија во форма на Недела на шпански филм во октомври 2009. Во изминатите 12 години соработката помеѓу Амбасадата на Шпанија и Кинотеката резултираше со прикажувањето на десетици филмови, од класиците на Луис Буњуел, Хуан Антонио Бардем, Луис Гарсија Берланга и Карлос Саура до бројните современи автори од крајот на 20. век до денес.