АЛЕСАНДРА АМБРОЗИО СЕ ПРОСТИ ОД „ВИКТОРИЈАС СИКРЕТ“ ПО 17 ГОДИНИ

Шангај, (Харперс базар)

Бразилскиот супермодел Алесандра Амброзио ги потврди шпекулациите кои се појавија изминатиот викенд дека настапот на модното шоу во Шангај ќе ѝ биде последен за „Викторијас сикрет“.

Таа учествуваше на овие ревии во последните 17 години и, како што вели, сега планира да ја насочи својата енергија кон семејството, односно кон улогата на мајка на деветгодишната Ања и петгодишниот Ноа.

„Зборовите не се доволни за да опишам колку сум благодарна што работев за овој неверојатен бренд, што ги инспирира жените од целиот свет. Во моите најлуди сништа не можев да замислам дека 17 години ќе бидам дел од ‘Викторијас сикрет‘. Тие се како моја втора фамилија, со која поминав незаборавни моменти“, напиша 36-годишната Амброзио во емотивен пост на Инстаграм.

Таа вели дека најтешко ѝ паѓа простувањето од нејзините колешки, вклучувајќи ја Адријана Лима, со која ги делеше пистите од 1999 година.

Покрај тоа што гради актерска кариера, Амброзио е и сопственик на успешна линија на костими за капење, „Але“.