25 ГОДИНИ НА МУЗЕЈОТ „ГУГЕНХАЈМ“ ВО БИЛБАО – НИЕДНА ЗГРАДА НЕМАЛА ТОЛКАВО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЕДЕН ГРАД

Билбао, (Би-Би-Си)

Со милион посетители годишно, музејот „Гугенхајм“ во Билбао се претвори во еден од најважните центри на современата уметност. Но, најзначајното наследство на музејот е поширокото влијание што го имаше врз овој баскиски град, феномен што стана познат како „Гугенхајм ефект“.

Со децении, Билбао беше челичарска суперсила, но кон крајот на 20. век пропаѓањето беше толку очигледно што во него доминираа индустриски пустош и загадување, додека регионот беше честа мета на терористички напади на ЕТА. Писателот Хон Хуаристи го опиша како „најнегостопримливиот град во Шпанија“.

(Фото: Гети)

Томас Кренс беше директор на фондацијата „Соломон Р. Гугенхајм“ во Њујорк кога таа сакаше да се прошири низ светот. Откако пропадна проектот во Венеција, се појави планот за нов музеј во Билбао.

„Баскијците ми дојдоа и ме прашаа како да се промени погрешната претстава за градот. Им кажав дека треба да ја изградат најпознатата зграда на светот“, изјави Кренс.

Дизајнот му беше доверен на славниот канадски архитект Френк Гери, но проектот од старт се соочи со критики, најмногу поради цената од 100 милиони долари само за зградата. Но, коцкањето се исплатеше.

Новата ултрамодернистичка структура привлече огромен број туристи, а новите приходи овозможија обнова на брегот и инвестиции во модернизирањето на градот. За кратко време, музејот го промени лицето на Билбао.

(Фото: Гети)