АМАМ СТАР ДЕВЕТ ВЕКА ОТКРИЕН ПРИ РЕНОВИРАЊЕ НА БАР ВО СЕВИЛЈА

Мадрид, (Гардијан)

Минатото лето, додека траеја рестриктивните мерки поради пандемијата на ковид-19,  сопствениците на барот „Жиралда“ во Севилја одлучија да го искористат времето за реновирање. Притоа биле откриени остатоци од исламска бања од 12. век, кога со поголемиот дел на денешна Шпанија и Португалија владеел калифатот Алмохад.

Извонредно украсената бања изобилува со блескави геометриски мотиви и со светла во форма на осумкраки ѕвезди.

„Минатиот јули, додека се вадеше гипсот од таванот, работниците открија светларник во форма на осумкрака ѕвезда. Штом го видовме сводот, знаевме дека се работи за антички амам”, рече археологот Алваро Хименес.

Хименес вели дека оваа бања има најголемо количество зачувана декорација од која било друга античка бања на Пиринејскиот Полуостров.

„Сега луѓето ќе имаат можност да влезат и да се напијат чаша добро вино или пиво во еден мал бар во срцето на Севилја, што исто така е амам од 12. век”, вели Антонио Кастро, сопственикот на барот отворен во 1923 година.

Отворањето на реновираниот  бар ќе биде за две-три недели.