Новак Ѓоковиќ изјави дека надминувањето на рекордот на Роже Федерер и Рафаел Надал од 20 освоени гренд слем титули ќе му биде приоритет откако по деветти пат славеше на Отвореното првенство на Австралија.

По победата над Данил Медведев во вчерашното финале, колекцијата гренд слем трофеи на Ѓоковиќ сега брои 18. Исто така, тој следниот месец ќе го продолжи својот престој на првото место на АТП-листата на 311 недели, со што ќе го надмине рекордот на Федерер.

„Не се чувствувам уморно или старо, иако знам дека биолошки, работите сега се поинакви за мене отколку пред десет години. Мора попаметно да го правам мојот распоред и да ја темпирам формата за вистински момент, така што гренд слемовите се турнирите на кои што сакам да бидам во најдобро издание“, кажа 33-годишниот Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер ја освои својата прва гренд слем титула во Австралија во 2008 година, на Вимблдон славеше четири пати, трипати на Ју-Ес опен и еднаш на Ролан Гарос.

„Сега кога стана јасно дека ќе го остварам рекордот на најмногу недели како број еден можам целосно да се фокусирам на гренд слем турнирите. Кога го бркаш ранкингот, мора да ја играш целата сезона и цело време да играш добро на сите турнири. Моите цели малку ќе се променат сега и ќе можам да го прилагодам мојот календар“, вели Ѓоковиќ, додавајќи дека Рафа и Роже му се голема инспирација.

„Како што кажав еднаш, додека играат тие, ќе играм и јас. Помеѓу нас тројца постои натпревар во сите области, но ние исто така се мотивираме еден со друг и се притискаме до крајни граници“.