Кога се зборува за урбани трансформации или за технолошки напредни градови, прво се помислува на Шангај, Дубаи, Сингапур, Хонг Конг или на Силициумска Долина, но на чело на оваа урбана револуција се наоѓа еден далеку помал и непознат град.

Каласатама е паметен град што се гради на периферијата на Хелсинки и се проценува дека ќе биде завршен до 2035 година. Моментално, во оваа област живеат околу 3.000 луѓе, но тој треба да има 25.000 жители и да нуди 10.000 работни места.

Во овој град, луѓето се далеку поважни од технологијата и токму затоа неговите дизајнери тргнуваат од она што тие најмногу го ценат – време. Нивната визија ќе им помага на жителите секој ден да заштедуваат по еден час.

Дизајнерите сакаат да го подобрат не само квалитетот на животот, туку и управувањето со време, со цел жителите да не губат време на чекање во ред, во јавен превоз или кога пазаруваат. Тоа планираат да го постигнат со подобрувањето на протокот на сообраќајот и на логистиката, но важен ќе биде и распоредот на градот, со цел јавните услуги, како училишта и болници, да бидат блиску една до друга и лесно достапни. На тој начин, жителите ќе имаат повеќе време за активности што ги сакаат.

„Тоз значи пет минути повеќе шетање во парк, пет минути повеќе со децата пред работа, пет минути порано доаѓање дома. Вашиот живот е полесен, бидејќи живеете во најфункционалниот град на светот“, вели Керко Ванханен, директорот на проектот „Смарт Каласатама“.

Градот исто така нема да има камиони за собирање отпад, туку жителите ќе го фрлаат ѓубрето директно во одводи поврзани со подземен систем за одложување.