Француското архитектонско студио „Колдефи“ го претстави дизајнот на она што е наречено најголема стаклена градина на светот. Простирајќи се на 20.000 квадратни метри, енергетски автономната структура наречена „Тропикалија“ ќе се наоѓа на Опалниот Брег во северна Франција и треба да биде завршена во 2024 година.

Опишана како „меур на хармонијата“, структурата ќе биде дом на тропска шума исполнета со растителни и животински видови, од орхидеи и пеперутки до риби и рептили. Со висина од 35 метри, таа делумно ќе биде вградена во земјата и ќе се вклопи во околината со додавање на втор надворешен ѕид од зеленило.

Покривот ќе биде изработен од термички перници под притисок, поставени во алуминиумска рамка. Внатре ќе се одржува температурата од 28 Целзиусови степени, што ќе овозможува бујна вегетација.

„Тропикалија“ и официјално ќе биде претставена на 17. Биенале на архитектурата во Венеција, што ќе трае од 22 мај до 21 ноември.