Двајца Холанѓани станаа првите станари на 3-Д отпечатена куќа во Европа, чии креатори веруваат дека тие ќе бидат нова опција за домување во иднина.

Елиз Луц (70) и Хари Декерс (67), пензионирани сопственици на дуќан од Амстердам, вчера го добија нивниот дигитален клуч, апликација преку која ќе ја отвораат вратата на својот двособен бунгалов со допир на копче.

„Прекрасна е. Малку наликува на бункер, се чувствуваш безбедно“, изјави Декерс.

Со изглед на карпа, таа има димензии што би биле тешко и скапо да се конструираат со традиционални методи. Ова е првиот од планираните пет имоти што градежната фирма „Сент-Гобен Вебер Беамикс“ планира да ги изгради долж канал во предградието на Ајндховен, Босрајк. Сите куќи ќе имаат големина од 94 квадратни метри.

„Ова е првата куќа што е стопроцентно одобрена од локалните власти и населена од луѓе кои платиле за да живеат во неа“, изјави Бас Хујсманс, извршниот директор на „Вебер Беамикс“.

Куќата е направена во соработка со Технолошкиот универзитет во Ајндховен, а при печатењето се користени огромна роботска рака и цемент со специјална формула, што има текстура на шлаг. Таа се состои од 24 бетонски елементи кои се печатени слој по слој во фабрика во Ајндховен, по што се донесени со камион и поставени на темели. Потоа се додадени покривот и прозорците.

„Во печатењето на куќата се потрошени само 120 часови“, вели Хујсманс.

Луц и Декер ќе плаќаат месечен наем од 800 евра за да живает во куќата.