Националниот музеј на Катар, изграден на површина од 52.000 квадратни метри во главниот град Доха и чие отворање неколкупати беше одложувано, конечно ќе се отвори во март годинава, соопштија властите.

Музејот во форма на пустинска роза е дело на францускиот архитект Жан Нувел, кој го дизјанираше и Лувр во Абу Даби, а е проценет на 434 милиони долари. Првично требаше да се отвори во 2016 година.

„Дефинитивно ќе биде отворен на 28 март“, изјави Карен Ексел, виш експерт од музејот.

Ексел, која го нарече целиот проект „високо амбициозен“, рече дека дизајнот на пустинска роза е револуционерен.

Поставката ќе содржи дела од локални уметници, Блиски Исток и од други земји.

„Ова е музеј кој ја раскажува приказната за народот од Катар“, изјави директорот на музејот шеик Јасим ал-Тани.