НАСА ВО ПРВИТЕ ЧАСОВИ ОД НОВАТА ГОДИНА ЌЕ ОТПАТУВА НАЈДЛАБОКО ВО ВСЕЛЕНАТА ДОСЕГА

Флорида, (Гардијан)

Во првите часови на 2019 година, НАСА очекува да добие фотографии од карпа наречена Ултима Туле, што ќе биде најдалеку што објект направен од човекот отпатувал во вселената. Доколку не се случи нешто непредвидено, сондата „Њу хорајзонс“ ќе го зумира и ќе сними илјадници фотографии од мрачното, ледено вселенско тело додека се движи со голема брзина.

Ултима Туле, за која малку се знае освен дека е долга 32 километри, се наоѓа 6,4 милијарди километри оддалечена од Земјата во појасот Кујпер, група џуџести планети, карпи и ледени отпадоци, остатоци од формирањето на Сончевиот систем пред 4,6 милијарди години.

„Њу хорајзонс“, која ќе му се доближи на Ултима Туле на 3.250 километри, е сега толку далеку, што научниците нема да можат да ѝ помогнат доколку се случи некој проблем. На податоците ќе им требаат шест часа за да стигнат до Земјата.

„Ова е можност што се укажува еднаш во животот. Ова е уште еден голем чекор во истражувањето на нашиот Сончев систем“, изјави Хал Вивер, научник-истражувач од универзитетот „Џон Хопкинс“ во Мериленд.

Во 2015 година, оваа сонда помина покрај Плутон и направи неверојатни фотографии, покажувајќи дека тоа е свет на азотни планини.