НОРВЕШКА ЌЕ ГИ ГРАДИ ПРВИТЕ ПОДВОДНИ ПЛОВЕЧКИ ТУНЕЛИ НА СВЕТОТ

Осло, (Си-Ен-Ен)

Исполнет со глечери, фјордови и планини, драматичниот природен пејсаж на Норвешка ги отежнува изградбата на патиштата и патувањето.

Над 1.000 фјордови се наоѓаат на западниот брег на земјата, кадешто живее една третина од населението и за да се поминат 1.100 километри од јужниот град Кристијансанд до Трондхајм на север, потребни се 21 час и седум менувања на траект.

Норвешката влада планира да го скрати ова патување за половина со инфраструктурен проект вреден 40 милијарди долари, создавајќи маршрута која не вклучува траект. Тоа ќе се избегне со осум мостови и со најдлабок и најдолг тунел на светот, што ќе се дупчи под морското дно на длабочина од 392 метри и ќе биде долг 27 километри.

Пловечките тунели се прицврстени со кабли за морското дно (Фото: НПРА)

Сепак, најамбициозниот аспект на проектот се подводни пловечки тунели, сместени 30 метри под површината на водата. Иако именувани како пловечки, тие, всушност, се прицврстени со кабли за морското дно.

Норвешката администрација за јавни патишта (НПРА), владино тело одговорно за проектот, планира изградбата да заврши до 2050 година.

„Патот Кристијансанд-Трондхајм е клучна маршрута за Норвешка и комбинира автопатишта, магистрални патишта и траектен превоз. И покрај неговата голема важност, тој има доста ниски стандарди за европски патишта, а минувањето на фјордови со траект одзема многу време“, вели менаџерот на проектот, Кјерсти Квалхајм Дунхам.