НОРВЕШКИОТ ГРАД БЕРГЕН ГО ИЗГРАДИ НАЈДОЛГИОТ ПЕШАЧКО-ВЕЛОСИПЕДСКИ ТУНЕЛ НА СВЕТОТ

Берген, (Јуроњуз)

Во норвешкиот град Берген се отвори најдолгиот тунел на светот наменет само за пешаци и велосипедисти. Долг 2,9 километри, тој се поминува за десет минути со велосипед, односно за 30-45 минути ако се оди пешки.

Тунелот минува низ планината Левстакен во југозападниот норвешки град, при што ги поврзува населбите Филингсдален и Миндемирен. Велосипедистите потоа можат да продолжат до центарот на Берген преку веќе постоечките патеки. Вкупната должина на патеката од Филингсдален до централниот плоштад изнесува 7,8 километри, што може да се извози за околу 25 минути. Досега за тоа биле потребни 40-ина минути.


Тунелот е опремен со динамично осветлување и со уметнички дела и инсталации, а температурата во него ќе се одржува на постојани седум Целзиусови степени.

Велосипедскиот тунел во Берген се опишува како најдолг на светот, иако има и еден подолг. Тоа е Сноквалми кај Сиетл, кој е долг 3,6 километри, но тој не бил изграден наменски, туку е напуштен железнички тунел.