В НЕДЕЛА ЌЕ СЕ СЛАВИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЏЕЗОТ СО ЦЕЛОДНЕВЕН ЏЕЗ НАСТАН ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмото издание на целодневниот џез настан Today It’s All About Jazz ќе се одржи на 30 април, со почеток во 13 часот, во паркот Ибни Пајко во Скопје. Настанот што го организира Здружението на џез музичари и слободни уметници е по повод Меѓународниот ден на џезот, што УНЕСКО го прогласи во 2011 година.

Денот на џезот ќе започне со програма за најмладите. Со почеток во 13 часот, ќе се одржи креативна џез работилница за деца од четири до 11 години, што ќе ја води пијанистот и композитор Гордан Спасовски. Децата ќе се запознаат со основите на џезот и инструменти и ќе бидат дел од процесот на создавање џез композиција, која на крајот ќе се изведе пред публика.

Во музичкиот дел ќе настапат квартетот „Акварела“, Никола Бочваров квартет, Филип Динев трио, ЗЏМ Биг бенд (проект Запа), Јуре Пукл орган трио од Словенија и нигерискиот пејач и музичар Адедеџи.