СЕКОЈА ГРЕШКА ЈА ПАМТАТ, ПЕАМ ВО НОВАТА ПЕСНА „КУКЛА ЖИВА“, ВЕЛИ ТАМАРА ТОДЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тамара Тодевска на музичките платформи ја објави насловната песна од новиот албум „Кукла жива“ која е автобиографска.

„Секоја грешка ти ја памтат, од твојата болка пак се хранат, ќе те кренат па те газат, од секој збор скандал прават. Ти велат биди помалку своја, светот сака копија, не боја. Никој не сака жена силна, треба да си убава и мила, на светот му треба кукла жива“, се дел од стихопвите кои ги пеам во песната, вели Тодевска.

Музиката и текстот на Коста Петров и Тамара Тодевска, песната е во продукција на Емин Џијан, а визуелниот дел е режиран од Мартин Трајановски во „Такат студиос“.

Поп-пејачката вели дека оваа песна е инспирирана од нејзините живот и кариера, исполнети со успеси и падови, осуди и пофалби, но и со постојаната борба да останеш свој во свет полн со очекувања и предрасуди.

„Во песната може да се пронајде секоја девојка и жена кои биле принудени да глумат, да не бидат свои, да ги задоволат критериумите на општеството, а не своите потреби и желби. ‘Кукла жива’ е песна на мојот живот. Истовремено е и многу моќна, но и автентична, силна и суптилна. ‘Кукла жива’ не е само мојот живот, тоа е животот на многу девојки, жени, но верувам и мажи, сите принудени да задоволиме наметнати стандарди за успех и квалитет. Ја почувствував уште од првиот момент. Ме расплака, ме врати во живот и ми го покажа патот кон новата ера. Во тоа е моќта на оваа песна“, рече Тодевска.

„Во следниве месеци ќе излезат уште две нови песни, а потоа ќе се фокусираме на промоцијата на новиот албум. Истовремено, се подготвуваме за концертот во Скопје на 3 октомври кој едвај го чекам“, ни рече поп-пејачката.

Еден од авторите на песната „Кукла жива“, Коста Петров, вели дека за новиот музички проект на Тодевска биле напишани повеќе од 30 песни, а во финалниот избор влегле 10.

„Ако треба да одберам една песна што најдобро ја опишува Тамара како уметник, како жена и како личност, тоа е токму ‘Кукла жива’. Од повеќе од 30 напишани песни, токму оваа остана онаа што најсилно го дефинира целиот албум и неговата порака“, вели Петров.

Од тимот на пејачката велат дека „Кукла жива“ е првиот визуелен албум во Македонија. Концертот ќе се одржи во Арената „Борис Трајковски“ со оркестар со кој ќе диригира Џијан Емин. Билетите се продаваат преку мрежата на wayin.mk.

 

M.ЏАРОВСКА