Уживање во релаксирачките геотермални лагуни е нешто што не се пропушта кога се посетува Исланд. Скај лагун ќе биде нешто повеќе од тоа, затоа што ќе нуди уникатен поглед на Атлантски Океан.

Сместена во пристаништето Карснес, на само неколку минути од центарот на Рејкјавик, оваа вештачка лагуна ќе има непречен 70-метарски раб, што ќе создава впечаток на претопување со океанскиот пејзаж. Освен океанот, таа ќе нуди неверојатен поглед и на прекрасни зајдисонца, поларна светлина и мрачно небо.

Дизајнот на Скај лагун е инспириран од исландската култура и тамошните традиционални тревнати куќи.

„Релаксирањето во природните геотермални води е интегрален дел од исландската култура. Скај лагун ќе биде повеќесензорна оаза среде град, која ќе им овозможи на гостите да се поврзат со телото, умот и духот преку моќите на геотермалните води, додека уживаат во импресивниот поглед на океанот“, изјави Дагни Петурсдотир, генералната менаџерка на Скај лагун.

Нејзиното отворање е планирано за пролет 2021.