САМООДРЖЛИВ ПЛОВЕЧКИ ГРАД ОТПОРЕН НА ПОПЛАВИ ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО ЈУЖНА КОРЕЈА

Бусан, (Си-Ен-Ен)

Јужнокорејскиот град Бусан ги одобри плановите за ново амбициозно океанско живеалиште, при што изградбата би требала да почне следната година. Составен од неколку меѓусебно поврзани платформи, во пловечкиот град би живееле 10.000 луѓе, нудејќи им драстично решение на крајбрежните области за заканата од порастот на нивото на морињата.

На проектот „Океаникс“, за кој се вели дека е отпорен на поплави, соработуваат дизајнери, архитекти и инженери и е поддржан од Обединетите нации. Претходно направени во фабрики и потоа поставени на своите позиции, овие платформи ќе се креваат и спуштаат заедно со морето. Секоја од петте населби би имала големина од 20.000 квадратни метри и згради високи до седум ката. На крајот, овие заедници би се поврзале со пешачки и велосипедски патеки.

Јужното крајбрежје на Јужна Кореја, каде што се наоѓа и Бусан, се смета за особено ранливо на климатските промени. Корејскиот „Гринпис“ предупреди дека познатата градска плажа Хаеунде би можела да исчезне до 2030 година.

Предложеното живеалиште е замислено како самоодржливо, при што жителите би можеле да произведуваат храна и енергија. Населбите се дизајнирани околу комунални фарми, а на ненаселените платформи би имало ветерни турбини и соларни панели.

„Очекуваме првата населба да биде населена до 2025 година“, изјави коосновачката на „Океаникс“, Итаи Мадамомбе.