САМОУК АРХИТЕКТ НАПРАВИ УМЕТНИЧКИ ЦЕНТАР СРЕДЕ ЏУНГЛА ВО МЕКСИКО

Тулум, (Артси)

Уникатен уметнички центар е изграден среде џунглата Кинтана Ру, на 20 минути од луксузните ресорти на плажите во Тулум, Мексико.

Центарот Азулик Ух Меј има простор за современа уметност, галерија и за школа за уметност и рачна изработка, како и дел за престој и е дело на самоукиот архитект Хорхе Едуардо Неира Стеркел, познат како Рот.

Со структура налик на утроба, градбата се смета за архитектонски подвиг. Направена е од локални винови лози и од бетон армиран со синтетички влакна, надополнета со живи дрвја и растенија.

Центарот е изграден среде џунглата Кинтана Ру, на 20 минути од луксузните ресорти на плажите во Тулум

„На вакво место поканети сте да се поврзете со вашата креативна инспирација. За уметниците, награда е да си ги видат делата овде, да видат како нивниот креативен процес се поврзува со креативниот процес на природата“, вели уметничката директорка Клаудија Петцолд.

„Сакам посетителите да видат дека градењето зграда во џунгла не мора да ги жртвува локалните дрвја, туку е можно тие да се зачуваат и да се искористи нивното постоење во структурата“, додаде архитектот.

Првите часови се очекува да почнат во првата половина на 2019 година, а се планираат и работилници за странски студенти. Часовите ќе бидат бесплатни за локалното население.

„За отворањето на школата се инспирирав од моето искуство со Маите и талентот што го видов. Часовите нема да бидат на стандардниот начин учител-ученик, туку двајцата заедно ќе учат и соработуваат“, вели Рот.