ИНТИМНА ЏЕЗ ВЕЧЕР СО АПЕЛГРЕН И СПАСОВСКИ ВО ФИЛХАРМОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Џез музичарите Џон Илија Апелгрен (вокал) и Гордан Спасовски (пијано) вечерва во 20 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија ќе го одржат концертот „Полноќен разговор“ (Midnight Conversation).

„Апелгрен и Спасовски, во очи на новогодишните празници, ќе приредат интимен, тивок перформанс, кога ќе прозвучат најубавите композиции од светската џез литература. Концертот со пијано и глас ќе донесе комплексна, но атрактивна и пријатна музика, која ќе направи магија за сетилата и ќе ја разбуди имагинацијата“, стои во најавата.

Апелгрен важи за еден од најдобрите џез вокалисти во регионот, со богата кариера и многубројни настапи како солист и со разновидни оркестри и ансамбли. Спасовски е пијанист од помладата генерација џез музичари во Македонија, чиј менторот бил Илија Пејовски, а дипломирал на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија.